Датум за датум - тоа е максимумот што Македонија ќе го добие во декември на Европскиот самит

На само 10 дена од Европскиот Совет, во Скопје е јасно дека декември е невозможна мисија за старт на преговорите, па надежта на македонската влада е дека ЕУ ќе испрати само позитивни сигнали - или датум за датум..

Неофицијално Бугарија може да ја тргне блокадата, ако од Декларацијата усвоена во бугарскиот парламент, барањата останат исти, но од таму да се отфрли реченицата дека тие барања се услов за прва меѓувладина конференција - Македонија пак за возврат да ги исполни барањата 5 плус една точка. Времето е кратко, па се остава простор, тоа да се случи во текот на месецот, по формирањето нова влада.

- Ние се надеваме дека во декември ќе добиеме позитивен сигнал, афирмативен сигнал, што не значи датум, затоа што гледаме дека утре се конституира собранието, во соседна Бугарија и има рокови. Најоптимистичкото сценарио е 15 декември, за формирање влада. И затоа ние имаме целосно нов, конструктивен пристап за тоа што можеме да добиеме среде декември. - изјави Артан Груби вицепремиер.

Радев пак ги цементира своите ставови. Формирањето нова влада, не го спречи старо-новиот шеф на Бугарија, на средбата со својот француски колега, Емануел Макрон во Стразбур да ги повтори црвените линии.

- Софија очекува Конкретни и Неповратни резултати во дијалогот со Mакедонија, со што ќе се гарантираат европски вредности во почитувањето на човековите права, запирање на говорот на омраза и заштита на бугарското културно и историско наследство. - изјави Кабинет Румен Радев претседател на Бугарија.

Овој јануари Франција ја презема палката за претседавање со Унијата за следните 6 месеци, а неофицијално Париз на македонската влада и дава шанса најкасно да ги отвори преговорите во јануари, поради претседателските избори на Франција во април.

Македонија пак ќе мора да најде заеднички јазик со Софија, за да се тргне блокадата од преговарачката рамка. Шесте барања од Софија се: изјава дека Македонија нема територијални претензии, немешање во внатрешните работи на Бугарија, договор историската комисија да се состанува најмалку петпати годишно, осуда на актите на комунизмот, спречување на говорот на омраза и вметнување на Бугарите во македонскиот Устав.