Даштевски: Очекувам фер и демократски избори, ДИК постапува согласно законот
Очекувањата се дека претстојните избори ќе бидат фер и демократски без никакви притисоци и покрај вчерашната тензија меѓу претседателските кандидати на потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори, изјави денеска претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, по завршувањето на средбата на претседателите на подмладоците на политичките партии кои потпишаа Декларација за фер, слободни и демократски избори.
– Сметам дека вчерашниот настан за потпишување на Кодексот имаше тензии, меѓутоа не верувам дека ќе продолжи во таа атмосфера, затоа што главно сите услови се исполнети. Од наша страна, односно техничките услови ги преземаме согласно со законот и во согласност на етиката и моралот на сите учесници. Сметам дека ќе биде уште подобро, затоа што сметам дека ќе поминат овие детски болести на напаѓања и нефер кампања и ќе се фокусираат партиите на изборната кампања, односно претставување на програмите, откако ќе почне кампањата, рече Даштевски.
Вели на вчерашното потпишување на Кодексот, дел од претседателските кандидати имале забелешки кои се однесуваат на законот за платена политичка програма и кампања, за што рече дека ДИК има законска должност да го спроведува и постапува исклучиво во согласност со законот.