Дарко Митровиќ од општина Центар го фати крстот во реката Вардар
24 годишниот Дарко Митровиќ од Скопје прв стигна до светиот крст што архиепископот г.г. Стефан го положи по осветувањето на водите во реката Вардар. Тој беше најсреќниот меѓу 160 пријавени на централната манифестација за одбележувањето на Водици во Скопје.
Меѓу пријавените годинава имаше само едно девојче, Јована Џеповска. Младата студентка на медицина за Телевизија 24 кажа дека за прв пат годинава учествува на централната манифестација во Скопје. Главна мотивација да се пријави, како што кажа и била љубовта кон верата и традицијата.
Јована Џеповска
- Би сакала да ја осетам почита, верата, љубовта и храброста кон овој чин. Колку долго време се подготвуваше? Искрено како студент по општа медицина и таеквондист научена сум на таа дисциплина и храброст што ми ја даваат и професијата и спортот и екако пред да се пријавиме на овој настан правевме спортска медицина која врши прегледи како мерење крвен притисок, респираторен систем, ЕКГ и параметрите покажаа дека се е во ред и можам да учествувам.
Дел од учесниците пред камерата на Телевизија 24 на 24 годишниот Митровиќ, кој годинава го фати светиот крст, му посакаа здравје и бериќет.
Здравје, љубов, да го прати среќа цел живот. Да чекори по правиот пат. Да сме сите живи здрави и весели тоа е најбитно.
Годинава, како и секоја претходно, за безбедноста на учесниците се погрижија од Црвениот крст. Вклучени беа околу 25 волонтери од тимовите за спасување на планина и вода.
Црвен крст
- Морам да напоменам не се само екипите од Црвениот крст тука се и претставниците од МВР, специјалната единица тигар кои ќе се покрижат на делот на вода и медицински потреби се разбира доколку има потреба да се интервенира.
Годинава беше зголемен водостојот на реката Вардар па тоа малку им ја отежна ситуацијата на оние кои беа во водата но и на спасувачките екипи. Еден од учесниците беше повлечен од водата и остана заглавен на средина на брзата река.
По итната реакција на спасувачките екипи, по неколкуминутна борба, заглавениот учесник беше изваден на сигурно.
Одбележувањето на празникот Богојавление почна во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што богослужеше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан.

