Данок за ергените и за момите

Немажените девојки и неженетите момци наскоро можат да бидат оданочени од државата за својот избор да не се во брак - премиерот Мицкоски најави „државничка борба„ за пораст на населението во Македонија. 

И додека државата размислува за немажените девојки да плаќаат данок, вработените мајки ќе добиваат поврат на данок на личен доход за прво и второ дете, а сите жени ќе можат да добијат бесплатно ин витро оплодување, најави министерот Фатмир Лимани.  

Владата планира и еднократна финансиска поддршка за прво и второ дете, како и за близнаци, но се уште не ги прецизираат сумите, кои пак ќе зависеле од буџетските можности, вели Националниот координатор за демографија Владимир Ѓорчев. Сепак, Ѓорчев посочува дека државата не треба да се меша во приватните животи на граѓаните и во личната одлука кој колку деца сака да има.  

Премиерот Мицкоски потенцираше дека Македонија се испразнува со забрзано темпо. Лани се родиле 16 061 дете а починале 20 201 лице, додека пак за 4 години од државата се иселиле повеќе од 33 000 жители, што премиерот го спореди со тоа да исчезне цел еден град од државата.

Мицкоски посочи дека демографската состојба на Македонија е алармантна и најави амбициозни мерки за справување со проблемот кој премиерот го нарече губење на иднината и тишина која се шири.