Даниела Андоновска–Трајковска со нова книга, насловена „Математичка поезија“
Foto

Даниела Андоновска–Трајковска со нова книга, насловена „Математичка поезија“

Во издание на Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС) неодамна излезе од печат книгата на Даниела Андоновска – Трајковска „Математичка поезија“. Станува збор за книга поезија во која се споени јазикот на математиката и јазикот на поезијата.

-Книгата е дефинитивно нешто ново во македонската современа поезија. Поетесата Даниела Андоновска-Трајковска создала лирски јазик во јазикот на математиката. Со еден сосема оригинален манир на поетската анимација таа ни зборува за животот со сите свои парадокси. Нејзиниот израз е стегнат и поливалентен, бидејќи таа гради бескрајна приказна во стихот. Таа никогаш не ја покажува страната во која е содржано премолченото, страната со зборовите коишто ни лебдат над глава како облачиња над дробната црта или над куќата без гласни жици, но затоа пак одеднаш ни кажува за сите нешта кои не сакаме да ни ги одземат, објаснува издавачот.

Од ЦККС појаснуваат дека песните се отворени и достапни, разбирливи и приемчиви, но, како што велат, има и запрепастувачки песни-минијатури кои шокираат со грандиозноста на мислата, а кои значенски едначат со суштинско-сврзувачките симболи во кодификацијата на математичкиот јазик.

-Даниела Андоновска – Трајковска ги повлекува рационалните и ирационалните вредности на Фибоначиевата низа во спектрумот на текстуални геометриски тела-песни за да го демистифицира човекот не само од аспект на антрополошки емпириски и логички позитивизам, туку и од аспект на еден прагматичен светоглед, велат од ЦККС.

 

0 Коментари

Остави коментари