Данела Арсовска: Пет нови мега паркови во Скопје
Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска во својата програма предвидува изградба на пет нови мега паркови во општините Гази Баба, Чаир, Аеродром, Кисела Вода и Ѓорче Петров, по примерот на градскиот парк.
Според Арсовска, запоставениот градски парк и неспособноста за обезбедување на повеќе зелени места во градот е еден од проблемите на скопјани.
- Последниве години сме сведоци дека останавме без дрвја за сметка на бетонизацијата. Oвие неколку години Скопје доживеа урбан хаос, се градеше на места без долгорочен план и стратегија за иднината. Зеленилото е потреба на секој модерен град, а ние во континуитет го губиме. Нема компромиси кога станува збор за здравјето на граѓаните, нема компромиси наместо зеленило да се градат згради кога Скопје е еден од најзагадените градови. Скопјани имаат само еден парк и тој не е среден како што треба, рече Арсовска на денешната прес-конференција.
Таа напомена дека парковите ќе бидат изградени со урбана опрема, спортски зони и пешачки патеки. Во рамки на програмата и релизацијата на овој проект за изградба на нови пет мега паркови Арсовска рече дека се обврзува градот да засадува 100.000 нови садници секоја година.
- Немаме друга опција освен Скопје да стане вистински еколошки и одржлив град. Ако сакаме чист воздух, убава средина за живот и места за рекреација мора да вложиме во нив. Нема повеќе оправдувања и одложувања. Скопје мора да има брзи и сигурни решенија, додаде Арсовска.