Дали вториот ребаланс е одговор на кризата или последица на лошо планирање?
Несоодветно планирање на парите е можната причина за новиот ребаланс на буџетот. Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски го доведува во прашање образложението за новото прекројување на државната каса, кое вчера го соопшти министерката Гордана Димитриеска-Кочоска.
Според него, нестабилноста на Блискиот Исток постоела и претходно, па потребата од вакви мерки можела да се предвиди уште со првиот ребаланс.
Со ребалансот, приходите и расходите се намалуваат за по околу 86 милиони евра, а дефицитот останува 4,1% од БДП. Според министерката Кочоска, причините се кризата и намалените давачки за горивата. Поради одложени проекти, капиталните инвестиции се кратат за околу 93 милиони евра. Либерално-демократската партија денеска побара штедењето да почне од советниците, управните одбори и непотребните функции. Партијата реагира и на најавата дека во декември е можен уште еден ребаланс.
„Вториот ребаланс на буџетот не е никаква „навремена заштита на граѓаните“, туку официјално признание за фискален хаос, расипништво и тотална неспособност.
Додека Премиерот ги убедуваше граѓаните дека буџетот се прекројува исклучиво поради намалените акцизи за горивата, Министерката ги разобличи овие невистини. Дупката од 86 милиони евра и кратењето на расходите не се резултат на заштеди, туку на тотален колапс на капиталните инвестиции!“
Дел од експертите го поздравуваат непроменетиот дефицит, но предупредуваат дека намалените давачки за горивата се плаќаат со кратење на јавните расходи. Според нив, новите задолжувања може да донесат повисоки камати, поскапувањата најтешко ќе ги погодат посиромашните домаќинства.
Ребалансот прво треба да помине низ матичната собраниска Комисија, а откако Владата ќе ги вгради евентуалните нови амадмни, документот оди на гласање пред пратениците. Ова е втор ребаланс во последните четири месеци.

