Дали во Молдавија бил планиран атентат врз Бујар Османи?

Мaкедонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи бил цел на напад за време на посетата на Молдавија во својство на претседавач со ОБСЕ, јавуваат  медиумите во Молдавија.

Според медиумот “Реалитатеа“, бил планиран напад врз мисијата на ОБСЕ во Бендер, а експлозијата требало да се случи пред еден месец, на 14 февруари, кога претседавачот на ОБСЕ Османи, беше во посета на регионот.

Во написот медиумот наведува дека Тираспол, главниот град на отцепениот молдавски регион Транс-нистрија, ја обвинува безбедносната служба на Украина за планирање на нападот. Како што наведува порталот, нападот бил планиран со автомобил во кој бил поставен експлозив. Според тврдењата на самопрогласените власти, возилото требало да биде паркирано во близина на тврдината Бендер. Како што се наведува во објавата на “Реалитатеа“, откако била спречена намерата, делегацијата на Османи која броеше околу 20 лица, требало да биде нападната на пат кон градот Кишињев, но извршителот потоа се откажал од идејата за напад на претседавачот на ОБСЕ.

Официјален Тираспол, кој е главен град на Транснистрија - регион отцепен од Молдавија, ја обвинил службата за безбедност на Украина дека го испланирала нападот.  Киев категорично ги отфрли обвинувањата дека планирала напад, додека молдавските власти оценија дека се потребни докази за ваквите тврдења. Од македонското МНР велат дека не биле информирани, ниту постоеле индикации за какви било закани или можен напад врз делегацијата на ОБСЕ, ниту кон претседавачот Османи за време на неговата посета. 

„Во рамките на ОБСЕ, посетите на делегациите на Организацијата и посетите од страна на Претседавачот предвидуваат посебни безбедносни протоколи кои се во надлежност на земјата домаќин. Реализираните посети на Украина, Молдавија, како и предвидените теренски посети во другите таканаречени „загрозени подрачја“ се реализираат со јасна назнака дека се тоа посети на делегацијата на ОБСЕ, што во меѓународните односи се сметаат за посети со зголемен ризик и внимателност. Претседавачот имаше целосна доверба во безбедносните служби на Молдавија и во тамошните власти, кои ја гарантираа неговата безбедност и безбедноста на делегацијата.“ - велат од МНР. 

Транснисрија или Приднестровје ги направи првите чекори за отцепување од Молдавија за време на распадот на Советскиот Сојуз. Русите и Украинците, кои сочинуваат 60 отсто од населението во регионот, се спротивставија на обидите на Молдавија да се обедини со Романија.

Во 1992 година, молдавските власти неуспешно се обидоа да го вратат Придњестровје на сила, по што регионот де факто остана независен од Кишињев. Околу 400 руски мировници сè уште се во Придњестровје. Тие се обврзани да го почитуваат прекинот на огнот меѓу молдавските и локалните сили. Од советско време во регионот остана и една руска воена база.