Дали Собранието ќе продолжи со именување на уставни судии?

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска повикува, претседателот на Собранието, Талат Џафери посакува а пратеничките групи допрва ќе се координираат дали, кога и како ќе продолжи со работа Комисијата за избори и именувања на која треба да бидат утврдени кандидатите за избор на уставни судии.

Кацарска во изјава за ТВ 24 вели дека пратениците треба да престанат да се мајтапат со Уставот и да кажат дали сакаат или не сакаат, овој суд воопшто да постои.  

Претседател на Собранието, Талат Џафери пак по денешната прва координација на пратеничките групи после одморите ги повика членовите на Комисијата за избори и именувања уште утре да продолжат со работа со точката за избор на уставните судии. 

Координаторот на пратеничката група на СДСМ и владејачката коалиција, Јован Митрески без конкретен одговор кога ќе продолжи изборот за предлог за избор на уставни судии. 

Од ВМРО-ДПМНЕ пак чекаат СДСМ да закаже седница на комисијата. 

„ВМРО-ДПМНЕ секако ќе учествува во работата на Комисијата за избори и именувања но чека СДСМ да ја закаже седницата на оваа комисија. Во рамките на комисијата, ВМРО-ДПМНЕ ќе делува согласно Деловникот за работа на Собранието.“ - изјави Никола Мицевски координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

А претседателката на собраниската комисија, Марија Георгиевска, за ТВ 24 вели дека не може да закаже седница на комисијата додека не се координираат со ВМРО-ДПМНЕ за да се договорат за динамиката на работа. Што побрзо се договорат толку побрзо ќе биде свикана комисијата. Георгиевска очекува тоа да биде во четврток. Собраниски извори за ТВ 24 информираат дека не се исклучува можноста, доколку предлозите за уставни судии поминат на матичната комисија за избори и именувања истите да се најдат и на првата закажана седница на 14 септември. Уставниот суд работи со четворица судии помалку. Ако не бидат избрани, од декември судот ќе биде покус за пет судии и ќе нема кворум за работа.

Собраниската Комисија за избори и именувања во мај ја почна процедурата за утврдување кандидати за избор на нови уставни судии. За четирите испразнети места има девет кандидати. Досега е утврден само Фатмир Скендер, судија во Апелацискиот суд Скопје на предлог на владејачкото мнозинство а истото мнозинство го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ универзитетската професорка Родна Живковска да биде избрана за уставна судијка.

Пред одморите членовите на Комисијата ја почнаа расправата за предложената Тања Васиќ Бозаџиева а допрва ќе треба да се расправа и за републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, управната судијка Весна Јовановска и охридскиот обвинител Војислав Димоски. Ако до крајот на годината не бидат пополнети испразнетите места во Уставниот суд на Македонија и се заканува уставна криза.