Дали постои енергетски независна држава?!

Македонија чекори кон енергетска независност, тврди Министерството за енергетика.  Експертите пак предупредуваат - таквата цел е тешко остварлива, а фокус треба да биде енергетска отпорност.

На Светскиот ден на енергетската независност, од Министерството за енергетика се пофалија со раст на домашното производство на струја, особено од хидроелектраните и ветерните паркови, како и со исполнетост на акумулациите од 80 проценти. Велат дека со новите инвестиции во ветерни и соларни електрани постепено ќе се намалува зависноста од увоз на електрична енергија.

„Нашата цел е јасна – Македонија да стане енергетски независна држава, да произведува повеќе домашна, чиста и конкурентна енергија. Ги развиваме обновливите извори, инвестираме во модерна инфраструктура и ги отвораме новите енергетски коридори што ќе ја зајакнат сигурноста на снабдувањето. Тоа не е само економска придобивка, туку прашање на национална сигурност, стабилност и развој. Нашата амбиција не е само да ги задоволуваме домашните потреби, туку Македонија да стане и нето извозник на електрична енергија.“

Од друга страна, експертите сметаат дека енергетската независност не може да се оценува само според производството на струја, туку мора да се земе предвид целокупниот енергетски сектор. Потсетуваат дека државата и понатаму е силно зависна од увоз на нафта, природен гас и дел од јагленот што се користи за производство на електрична енергија. Според Виктор Андонов, реалната цел не треба да биде целосна независност, туку намалување на ризиците преку домашно производство и повеќе извори на снабдување. Токму затоа, вели, диверзификацијата е клучна за поголема сигурност и отпорност на идни енергетски кризи.

Светскиот ден на енергетската независност потсетува на важноста од сигурно снабдување со енергија во услови на глобални кризи. И властите и експертите се согласуваат дека гасниот интерконектор со Грција, како и планираниот со Србија, ќе ја зголемат енергетската сигурност преку пристап до повеќе извори на природен гас.