Дали најавите од ЕК за изнаоѓање на билатерални времени решенија за транспортерите ќе го одложи најавениот регионален протест за од понеделник?

Продолжуваат маките на македонските превозници. Со новите шенген правила речиси 85 % од возачите не можат да вршат транспорт, а тие кои се веќе затекнати во шенген зоната,а го надминале законскиот престој од над 90 дена - завршуваат и во притвори. 

Од Асоцијацијата Макам Транс, велат дека економските последици се чуствуваат. Рафтовите се празнат, а намалено е и производството во фабриките поради недостиг на репроматеријали - чиј увоз е сведен на минимум. 

Превозниците од Македонија, Србија, Црна Гора, и БиХ од понеделник најавија целосна блокада на товарниот сообраќај кон земјите од Европската Унија. Ќе се блокираат 9 гранични премини каде ќе бидат пропуштани исклучиво жива стока, лекови, оружје и експлозиви. Премините ќе бидат затворени една недела. 

И Министерот за транспорт и врски Николовски, вели дека Европската унија останува неодговорна по однос на ова прашање. Ако нема решение следува сериозна економска криза. Дел од компанииите погодени од новите шенген правила - веќе чуствуваат гопеми економски загуби. 

Александар Николовски Министер за трнаспорт и врски

- Една компанија веќе проценува загуби од 1,5 милиони евра неделно поради ограничувањата во транспортот на своите производи. Практично целата македонска економија и регионалниот извоз се доведени на работ на колапс. Овие мерки се сериозна закана за компании кои работат во ТИРЗ, но и за домашни извозно ориентирани фирми. Ако транспортот поскапи за 3 до 5%, производите стануваат неконкурентни на европскиот пазар,“ 

Земјите од регионот пак покажуваат позитивни сигнали. Босанскиот министер за комуникација и промет Един  Форто, денеска изјави дека Европската комисија потврдила дека постојат модели по кои билатерално би можеле да се решат прашањата за престој на професионалните возачи.

Земјите како Хрватска и Бугарија би можеле да издаваат работни дозволи до 40 дена, дополни министерот Форто.

Со новите шенген правила, Европската унија воведе нов електронски систем за влез и излез - со цел подобро да се контролира нерегуларната миграција. Системот користи биометриски податоци преку кои меѓу другото покажува дали луѓето престојуваат во Шенген-зоната подолго од дозволеното. 

Но, превозниците бараат да не бидат третирани како туристи при влез во ЕУ и во Шенген зоната, туку како луѓе кои извршуваат деловни активности.