Дали надлежните ќе ги променат правилниците со кои на пациентите ќе им се дозволи рехабилитација во странство?

Фондот за здравствено осигурување останува на ставот дека за медицинска рехабилитација не може да покрие трошоци и дека истата е достапна во земјава. Додека случајот со 18 годишниот Леонид со денови ја бранува јавноста, од Фондот денеска на брифинг со медиумите сепак немаа одговор во која установа во земјава може да се лекува момчето, кое по тешка несреќа во Грција остана неподвижно.

Објаснувањето на директорите за одбивањето помош е дека конзилијарното мислење од Клиниката ТОАРИЛУЦ било општо и не била наведена никаква конкретна медицинска интервенција за која се бара праќање на пациентот во странство, а за рехабилитација според закон Фондот не покрива трошоци.

- Во конзилијарното мислење од Клиниката ТОАРИЛУЦ не е наведена конкретна медицинска интервенција на која се упатува детето во странство, туку само само е наведено што се очекува да се постигне, но е премногу општо и не може да се донесе заклучок и кога суштинските елементи недостигаат и Лекарската комисија се става во незгодна ситуација. - вели Магдалена Грашковска директорка на ФЗОМ.

Од Фондот истакнаа дека ќе почекаат дополнително образложение од ТОАРИЛУЦ во кое ќе се наведе конкретната интервенција што треба да му се направи на пациентот,за да се преиспита одлуката.

На брифингот иако поканета, не се појави докторката - претседателка на Лекарската комисија, која ја донела одлуката за одбивање помош.

- Јас не можам да кажам детето каде треба да се лекува, лекарите се тие што кажуваат каде треба да се лекува и дали има услови кај нас. Мене ми е жал што претседателката на Лекарската Комисија иако беше поканета, не дојде, но јас не сум медицинско лице и не можам да кажам каде може да се лекува детето. За тоа постои лекарска комисија составена од лекари од терциерно здравство. - вели Грашковска.

Заменичката министерка за здравство, Манолева пак вели дека била запознаена со случајот со Леонид, но тврди дека не било побарано мислење дали рехабилитацијата може да се изврши во нашите установи, иако тројца нејзини колеги-доктори се потпишани дека во земјава можностите за третирање на пациентот се исцрпени.

„Родителите немаат побарано никакво мислење.“ - вели Маја Манолева заменик-министер за здравство.

Случајот со Леонид го отвори прашањето - дали државата може да направи измени во правилниците на ФЗОМ со кои пациентите ќе можат да се праќаат и на рехабилитација во одредени случаи со финансиска помош од Фондот? Манолева вели дека опцијата ќе се разгледа од страна на министерството за здравство. На ист став се и од Фондот за осигурување, но оттаму велат дека тоа би значело дека ќе биде потребен многу поголем буџет, па дури и промена на начинот на финансисрање на здравствениот систем. Но техничкиот премиер Џафери со друг став на ова прашање.

„Не може да има законски измени и решенија заради одредени случаи. Законите се општи правила што треба да важат и што ја даваат можноста консензуално да се процени и оцени кој пациент каде треба да оди во странство, доколку нема предуслови лекувањето да се третира во земјава“, рече денеска техничкиот премиер Талат Џафери прашан дали би се иницирале законски измени поради случајот со Леонид Индов.

Во меѓувреме граѓаните и за овој случај се мобилизираат и донираат на телефонски броеви, за да му помогнат на семејството на Леонид, за кого сега единствена надеж останува второстепената комисија која одново ќе го разгледува случајот со 18 годишното момче.