Дали мостот „Беласица“ ќе се санира навреме за да може цевките на „ТЕ-ТО“ да се инсталираат
Екипи на ЕСМ денеска биле спречени од градот Скопје да постават цевки за парно под мостот „Беласица“, откако надлежните неколку пати предупредија дека без тој цевковод парното грееење во Скопје може драстично да поскапе.
Градоначалничката Арсовска денеска потврди дека екипите на ЕСМ биле спречени во работата и објаснува дека тоа е поради несоодветната документација за работа, а градоначалничката тврди и дека мостот е безбеден за сообраќај.
Од ЕСМ за ТВ 24 велат дека нивните екипи од утрото почнале со санација и подготовки за монтирање на цевките.
- Има прекин во работите на мостот „Беласица“, екипите на ЕСМ по налог од Град Скопје биле спречени да ги извршуваат потребните активности. Од утре ќе продолжат преговорите со Град Скопје да видиме до каде е проблемот. - велат од ЕСМ.
Сепак, деканот на градежниот факултет, кој преставува најстручна институција во поглед на безбедноста на мостовите вели дека тој не може да потврди дека мостот е безбеден.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски претходно предупреди дека Ако не се постави цевководот за парно под мостот „Беласица“, скопјани ги очекува ценовно цунами за парното со оглед дека 60 отсто од топлинската енергија за Скопје се обезбедува од ТЕ-ТО.