Дали младите полека се враќаат кон занаетчиството?
Значително зголемениот интерес на младите за запишување во средните стручни училишта, им даде надеж и на занаетчиите и бизнис секторот од изборот на младите, да се здобијат со соодветно образование, а потоа и можност за вработување и самовработување.
Од оваа година сите оние кои сакаат да отворат занаетчиска дејност, за самовработување ќе добијат додатни 60 000 , што значи 360 000 денари.
„Оваа година издејствувавме, со сите наши барања кои ги пративме како Комора, од страна на министерството за економија денеска е пуштен повик-од оваа година повикот за финансирање за занаетчии, односно за репроматеријали е зголемен за 100 000 денари. Тоа би значело дека од оваа година, сите занаетчии во наредниот период ќе можат да аплицираат за износ неповратни средства од 200 000 денари.“ - вели Јелена Спасова директорка на Занаетчиска комора.
Без оглед дали станува збор за средно стручно образование или високо образование, занаетот секогаш вродува со плод и обезбедува социјална и материјална сигурност, уверува претседателот на Бизнис конфедерацијата Миле Бошков.
Статистиките одат во насока на тоа дека се повеќе млади кои го завршиле средното образование во државава се одлучуваат да заминат во Словенија, со образложение дека нуди соодветен студентски стандард и одлично пробивање на пазарот на трудот.
Амбасадорот на Словенија во Македонија, Грегор Прескер за ТВ 24 вели дека во рамки на соработката меѓу Словенија и Македонија, студентите можат да студираат и да се запишуваат на универзитетите како домашните, словенечките студенти. Понатаму самите одлучуваат каде ќе продолжат да живеат и работат.
„Не ни е целта, да дојдат студентите и да останат во Словенија. На пазарот на трудот сами одлучуваат каде ќе живеат и работат. Има примери од земјава, каде многу млади заминуваат надвор и малкумина се враќаат. Затоа планираме да одржиме една конференција и да видиме кои се можностите, студентите кои одат да студираат во Словенија, по завршените студии со новите стекнати знаења и искуства, да се вратат во вашата земја и тука да бараат вработување во фирмите и институциите и да се подобри економската ситуација во вашата земја.“ - вели Грегор Прескер амбасадор на Р.Словенија во Македонија.
Амбасадорот потенцираше дека нашите студенти покажаат одлични резултати на универзитетите. По истекувањето на Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри од 2013-2020 година, државата нема стратешки документ за борба против одливот на квалификувани кадри, со овој податок ДЗР со последниот извештај за „одлив на мозоци“ уште еднаш го вклучи алармот во државава.