Дали министерот за правда Кренар Лога навистина дал негативно мислење за измените на Кривичниот закон?
Министерот за правда Кренер Лога бил против измените на Кривичниот законик, но и покрај тоа Владата решила измените да ги испрати во Собраните велат од Демократскиот сојуз.
Од партијата на Павле Трајанов обвинуваат дека измените на Кривичниот законик со кои се намалува висината на казните затвор за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружение, се вистинска декриминализација во случај кога ќе се докаже дека со јавните набавки се оштетува државата. На овој начин од партијата велат дека широко се отвораат вратите за криминал и се промовира легализација на високата корупција од носителите на власта.
„Донесувањето на законот се одвиваше во скратена постапка без поширока парламентарна и експертска расправа. Постапката се водеше со европско знаменце со што се оневозможи преку амандмани, односно со филибастеринг, да се блокира усвојувањето на законот. Министерот за правда бил против овие измени, но Владата сепак го достави законот до Парламентот.“ - велат од Демократскиот сојуз.
ТВ 24 побара потврда за ова тврдење на Демократскиот сојуз лично од министерот за правда Кренер Лога, но до почетокот на овие вести тој не одговори на нашите повици.
Продолжуваат и обвинувањата на опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека и покрај ваквите измени на Кривичниот законик, за тој што ќе биде докажан криминал ќе го добие заслуженото.
„Вон процедура, надвор од логика, изгласаа амнестија за себе и за бројните неказнети криминали и коруптивни скандали, плашејќи се од изборите и она што ќе следи по изборите. Но, едно ќе ветиме, а тоа е дека одговорност ќе има за сите.“ - изјави Наум Стоилковски портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
А професорката Мирјана Најчевска реагира на дел од правните експерти кои застанаа во одбрана на измените на законот. Најчевска вели дека поединци се обидуваат свесно да ја дефокусираат јавнота од вистинскиот проблем. Таа појаснува дека во случајов не станува збор само за намалување на висината на казните, ниту пак за лошите услови во затворите, туку се носат правила за неказливост на високи функционери на власта.
„Не е ова таква промена со која што генерално би се адресирала казнената политика и би се намалило казнувањето, туку промена со која што се таргетира една конкретна група на луѓе, високи функционери во власта и се овозможува тие да не одговараат за дела кои што може да бидат направени само од позицијата која што ја држат во власта.“ - вели Најчевска.
Своја реакција за донесените измени на Кривичниот законик имаше и антикорупциска. Антикорупционерите сега стравуваат дека дополнително се зголемува ризикот од политички пазарења и трговија со влијанија.
Невладиниот сектор како последна шанса да не се донесат измените, испрати и писмо со барање до претседателот на државата Стево Пендаровски, да не го потпише указот на измените на законот и тие да не стапат на сила, но тоа не го премисли и по објавувањето во Службен весник тие ќе бидат веќе во пракса.