Дали ќе се зголемува школарината за студентите: Ректоратот побарал мислење од факултетите

Ќе се покачи ли партиципацијата за студирање? Ректоратот на УКИМ побарал мислење од факултетите дали износот кој сега се плаќа е оправдан или треба да се коригира.

Ректорката Биљана Ангелова вели дека засега се е само во фаза на разгледување и ништо не е официјализирано, но тврди дека заложбите на ректорската управа се доколку се зголемат износите за партиципација, тие да ги покрие Владата, а не да паднат на товар на студентите. 

„Во 2010/11 беше преполовена цената којашто беше 400 со 800 евра. Трошоците за живот се и те како пораснати, инфлацијата оттогаш е многукратно зголемена, се оддржуваат вежби на факултетите кои се скапи, сите трошоци се покачени за работа, тоа е основната причина, меѓутоа не тоа да падне на товар на студентите, се разбира ние сме државен универзитет и тоа треба да го покрие Владата, и во нашето барање експлицитно ќе стои тоа барање.“ - вели Ангелова.

Од Министерството за образование и наука пак велат дека ова е интерен процес на УКИМ и нагласуваат дека партиципацијата засега останува иста. 

- Министерството за образование и наука го почитува принципот на инклузивност при креирањето на политиките и носењето на одлуките, така што ги уверуваме студентите дека ниту една одлука која го засега нивниот образовен процес нема да биде донесена без да бидат вклучени организациите кои ги застапуваат идните академски граѓани. Износите на партиципација остануваат идентични како и досега. - велат од МОН.

Вчера со реакција за ова излезе и Универзитетското студентско собрание при УКИМ од каде кажаа дека се разговарало за дополнително финансирање на Универзитетот, но порачаа дека тоа никако не смее да падне врз грбот на студентите.