Дали градоначалникот на општина Центар ќе си опстои на ветувањата за справување со „Скопје 2014“?
Градежните зафати на територијата на општина Центар ќе почекаат поради мораториумите кои се поставени. Дали инвеститорите ќе успеат да ги реализираат со сопствените идеи не се знае. За помалку од 3 месеци ќе има информација што точно ќе се гради на атрактивната локација наспроти ГТЦ, вели градоначалникот Саша Богдановиќ. Тој потенцираше дека веќе разговарал со дел од сопствениците на парцелите како и со управителите на фирмата МГ Фешн и Обновители, но, Богдановиќ вели дека конечната одлука ќе ја имаат граѓаните и експертската фела.
„Ќе трае исто, во зависност од тоа кој како иде, некој план е поголем, некој е помал. Во фаза на ревидирање сме и чекаме одредени подлоги кои ни се потребни како почеток за работа.“ - вели Саша Богдановиќ – градоначалник на општина Центар.
Богдановиќ со доаѓањето на функцијата градоначалник на најбараната општина за градба во Македонија, најави дека ќе има уривање на објекти кои се нелегални па така во јавноста се водеа дебати дали Воинот на коњ за која претходната Влада потрошила нешто повеќе од 10 милиони евра е следен на потег за дислокација или уривање, а останува неизвесна и судбината за терасата на Белата Палата на ВМРО – ДПМНЕ.
Претходниот министер за култура, а сегашен национален координатор за култура во Владата на РМ, Роберт Алаѓозовски изјави дека се изработени елаборати за „Скопје 2014“ и за можноста за отстранување на одредени градби, но, градоначалникот Богдановиќ денеска истакна дека евентуално посегнување по дел од спомениците од најскапиот архитектонски проект во Македонија, ќе се знае откако ќе завршат институционалните постапки.
„Не можеме да постапуваме се додека не завршат истрагите „Скопје 2201“ е процес во кој се испитува трагата на парите, но и од што е изградено Ако нешто е напишано дека е изградено од тој и тој матерјал, а се утврди нешто друго, а ние извршиме одредено отстранување или рушење, уништуваме доказен матерјал. Во координација сме со институциите кои ги вршат истрагите. 99% од спомениците се во Центар и во тој дел се што е нелегално ќе биде отстрането.“ вели Богдановиќ.
Проектот „Скопје 2014“ е еден од главните предмети за кои се вршат истражувања од страна на Специјалното Јавно Обвинителство, но и од основното јавно обвинителство, а беа предмет на истрага и на министерството за култура кое констатираше прекршувања на неколку закони при носењето одлуки за поставување споменици.

