Дали царините на Трамп за ЕУ и за Кина ќе значат трговска војна и каков ќе биде ефектот за Македонија

Не стивнуваат реакциите откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царини за членките на Европската унија и Кина.

Доколку  најавите за воведување царини се остварат тоа ќе значи повисоки цени на увозните производи, помал увоз и извоз, повисока инфлација и пониска економска активност, односно трговска војна и забавување на глобалниот раст, вака економски експерт Бранимир Јовановиќ анализираше како ќе го погодат светот најавените царини на американскиот претседател.

Сепак според Јовановиќ, царините нема да бидат воведени веднаш, но според она што го прави во првите неколку денови, Трамп според Јовановиќ царините ќе ги користи како средство за остварување други цели. 

Конкретно, ќе бара ЕУ да купува повеќе оружје, нафта и гас од Америка и ќе уценува дека ќе воведе царини доколку не дојде до тоа. Во колкава мера, ќе зависи од тоа до каде ќе одат работите, ама во некое благо сценарио, моделите покажуваат дека глобалниот раст би забавил за околу 0,3 процентни поени, а во полош случај, за цел поен. Со оглед на тоа што светскиот БДП е околу 110 трилиони долари, тоа значи дека цената на трговската војна би била помеѓу 350 и 1100 милијарди долари годишно.

Намалената економска активност во ЕУ пак ќе го погоди македонскиот извоз. Очекувањата на професорот се забавување на економскиот раст, но не и рецесија. Веќе е познато дека најголем удар од новите политика на Америка ќе има германската економија. Со самото тоа што кризата во Германија ќе се продлабочува, ќе се зголемува и ризикот од зголемени последици и на македонската економија која најголемиот дел од меѓународната трговија ја има токму со Германија. 

Со оглед на тоа што автомобилската индустрија веројатно прва би се нашла на удар на царините, а македонскиот извоз во ЕУ во голем обем е во оваа дејност, ефектите веројатно би биле нешто поголеми отколку за глобалниот раст. 

Од Стопанската комора на Германија во Македонија пак за ТВ 24 велат дека се уште е рано да се предвиди дали и колкав удар би имала Германската економија од најавените царини кои ги најави американскиот претседател. Од другастрана претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард порача дека Европа мора да биде подготвена за цариниte што би можеле да ги наметне  Трамп.

- Фактот што Трамп не наметна општи царини на првиот ден од неговото претседателствување е „многу паметен пристап, бидејќи општите тарифи не ги даваат нужно резултатите што ги очекувате. тарифите на Трамп очекувам да бидат поселективни, но Европа во секој случај мора да ги предвиди случувањата за да може да одговори на нив. - Кристин Лагард претседателката на Европската централна банка.

Канада веќе му одговори на американскиот претседател Доналд Трамп дека  силно и брзо ќе возвратат ако САД воведат царини. Трудо рече дека фокусот на неговата влада останува на избегнување царини. Додека Кина испрати порака дека нема победници во трговската војна.