Дали Бугарија ќе „избоксува“ европски мониторинг за Македонија?!

Притисок и нова злоупотреба на европската позиција е барањето на Софија да се воведе ЕУ-мониторинг врз Македонија за правата на Бугарите.

Вака експертите го анализираат последниот потег на Румен Радев, кој најави дека овие два дена во Брисел, е во офанзива за поддршка на Бугарија, против, како што вели тој – антибугарската кампања во Македонија. Аналитичари за тв 24 оценуваат дека овие чекори на бугарскиот претседател, воопшто не се наивни, како и неговата средба со францускиот претседател Емануел Макрон.

- Софија бара да се префрли мониторингот од Советот на Европа, од каде, вообичаено Европската Унија ги превзема нивните оценки - во посебни механизми на ЕУ, за што веќе имаат основа во Протоколот и во Преговарачката Рамка. Целта е да се пресели тој мониторинг од оние организации каде што имаме еднаквост , каде што сме членки, во Европската унија каде што сме ние нерамноправни, односно тие имаат привилигирана улога, односно членство и можат да ја злоупотребуваат. - вели Малинка Ристевска Јорданова поранешен директор на ЕПИ.

А по вчерашната тет а тет средба Радев - Макрон во Брисел, кабинетот на шефот на државата, објави писмо кое, токму францускиот претседател Макрон го испратил до Пендаровски на 28 јануари. Макрон нуди поддршка за Македонија на патот кон ЕУ.

- Го поздравувам и потпишувањето на 26 октомври на договорот Фронтекс со ЕУ, со кој се признава македонскиот јазик, спомнат без забелешки, што покажува дека постигнатиот компромисен предлог целосно го почитува унитарниот карактер на македонскиот идентитет. Можете да сметате на мојата целосна и континуирана поддршка во текот на пристапните преговори. Со задоволство наскоро ќе дојдам во Северна Македонија, штом ми дозволи агендата, на датум што заеднички ќе го утврдиме како соодветен во поглед на политичката агенда. - велат од Кабинет на претседателот на Македонија.

Пред само два дена Советот на Европа, каде Македонија е членка скоро 3 децении, потврди, со резолуција, дека во земјава не се врши системска дискриминација врз бугарското малцинство

Експертите предупредуваат ако ЕУ го прифати новото барање на Софија, да се воведе мониторинг во Македонија за бугарското малцинство, земјава би се вратила 2 децении назад, или пред кандидатскиот статус на Македонија за членство во Унијата.