Дали апаратите за кои се потрошија милионски суми, конечно ќе се стават во функција?

Ќе се стават ли во функција медицинските апарати за кои надлежните потрошија милионски суми, а со години „фаќаат“ прашина низ болниците?

Секторот за опрема во министерството за здравство, допрва треба да направи проверка во штипската болница, каде акцелераторот набавен уште пред десеттина години стои во подрумите на болницата. 

Иако најавите беа дека пациентите од источниот дел од државата ќе се лекуваат во штипската болница, наместо да се праќаат во Скопје, неколку министри и директори кои се сменија во изминативе години само ветуваа, но ништо од тоа не реализираа.  

Надвор од функција е и акцелераторот во Градската општа болница Осми септември, кој беше промовиран уште пред две години од страна на тогашниот Премиер, министер за здравство и менаџмент на болницата. 

Најавите беа дека онколошките пациенти ќе може да примаат зрачна терапија и во оваа болница, дневно ќе се опслужуваат 35 пациенти, а целта беше да се намалат гужвите и чекањата на Универзитетската клиника за онкологија. 

Во функција не се стави ниту акцелераторот во битолската болница, каде пред шест месеци уверуваа дека министерството за здравство под раководство на тогашниот министер Фатмир Меџити,  веќе започнало процедура за обезбедување опрема за имобилизација, како и набавка на дополнителен дел за да профункционира апаратот.

Од болницата денеска велат дека состојбата е статус-кво и дека немаат информација дали и што направило министерството со набавката на потребните делови.

И покрај набавката на скапи апарати, пациентите и од источниот и од другите региони од државава не видоа никаква корист, бидејќи наместо да се лекуваат во своите градови сите се приморани да патуваат до Скопје, каде пак целиот товар паѓа на Универзитетската клиника за онкологија која нема доволно персонал за да одговори на потребите. Освен тоа останува да виси и прашањето дали и кој ќе понесе одговорност за ваквите состојби?