Дачиќ: Ѓукановиќ продолжува да ги плаши граѓаните на Црна Гора со лаги за Србија
Foto

Дачиќ: Ѓукановиќ продолжува да ги плаши граѓаните на Црна Гора со лаги за Србија

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави денеска дека црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ продолжува да ги плаши црногорските граѓани со лаги во врска со Србија и наводната големосрпска државна политика, обвинувајќи го Белград за мешање во внатрешните работи на таа земја.

– Кој и се заканува на Црна Гора од Србија, кој ја оспорува државата Црна Гора и нејзината надворешно-политичка ориентација? Единствено што ја интересира Србија се правата на српскиот народ и на Српската православна црква во Црна Гора, наведе Дачиќ во писмената изјава доставена до медиумите, јави допсиникот на МИА од Белград.

Тој истакна дека Ѓукановиќ на изборите на 30 август „изгубил од својот народ, а не од Србија“ и дека српскиот претседател Александар Вучиќ не повикал да се гласа за некој во Црна Гора, туку албанскиот премиер Еди Рама и поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај.

- Па, како тоа не му смета на Мило Ѓукановиќ, кој кажува дека му пречи некој да ја смета Црна Гора за природен дел од српскиот свет? Зарем Црна Гора е природен дел од албанскиот свет кога не му пречи мешањето на Рама и Хардинај?, праша Дачиќ.

Тој повтори дека „Србија не спроведувала антицрногорска политика, туку Црна Гора водела антисрпска политика, мешајќи се во внатрешните работи на Србија“ со признавањето на независноста на Косово.

– Србија има интерес да развива најдобри можни односи со Црна Гора и време е да престанеме да ги плашиме луѓето од Црна Гора за создавање на алиби за останување на власт, оцени Дачиќ.

Црногорскиот претседател изјави вчера дека во околностите во кои започнал процесот на формализирање на независноста на Косово, приказната дека Црна Гора е „природен дел од српскиот свет, природен дел од Голема Србија“ за него е „некој вид на храна со која треба да се нахрани гладната националистичка уста, која се потешко ги трпи загубите“.

Во интервју за Фејс телевизијата од БиХ, тој говорејќи за односот меѓу Црна Гора и Србија, кажа дека Црна Гора е на столбот на срамот во српските медиуми.

0 Коментари

Остави коментари