ЦУК: Во изминатите 24 часа имало 35 пожари на отворено, активни се 12

Вкупно 35 пожари на отворено имало во изминатото деноноќие во Северна Македонија, а од нив утрово активни се вкупно 12, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Еден од нив е на територијата на Општина Неготино за кој од ЦУК велат дека е „кај армискиот полигон Криволак во правец штипско рамниште“, но е ставен под контрола.

Мешана шума гори на територијата на Градско, кај селата Подлес и Чичево, како и во Ново Село кај селото Вадилен, а пожар во борова шума има кај селото Тажево во Општина Македонски Брод.

Нискостеблеста шума, сува трева, грмушки, пак, горат во два пожари на територијата на Чашка, и по еден на териториите на Росоман, Кавадарци, Штип, Велес и Долнени. Во Делчево гори градската депонија.

Пожарите во Северна Македонија опустошуваат стотици хектари, а најсериозен е пожарот на планината Серта. Од 14 јули Владата прогласи и кризна состојба. Во гаснењето на пожарите вклучена е и Армијата и полицијата, а помош има и од земји од регионот, како Словенија, Турција и Србија.