Црвенковски, Заев, Иванов, заедно со Ковачевски и Мицковски ќе расправаат за Бугарија - во друштвото ќе недостасува Груевски
Власт, опозиција, поранешни претседатели и премиери и екс министри за надворешни работи, ќе седнат на иста маса да дебатираат за францускиот предлог.
Претседателот на комисијата за надворешна политика Антонио Милошоски ја презентираше оваа идеја пред пратениците, но во помал формат- на иста маса да седнат Заев кој го потпиша договорот за добрососедство со Бугарија, Ковачевски како актуелен премиер, но и поранешниот шеф на дипломатијата Димитров и сегашниот Османи поради нивните јавни преписки на социјалните мрежи.
Милошоски побара без разлика дали на јавна или затворена дебата, да се разговара за како што кажа мобингот од Бугарија и предлогот од Париз.
Оваа седницата би имала за цел да го разгледа оној предлог кој што вие го одбивте во Брисел во форма таква каква што е – неофицијална и би имала за цел да направи една поголема кохезија кај сите политички групи во Република Македонија за да имаме посилни позиции, да имаме помалку недоразбирања и да не се создава она што вие некогаш го именувате како хистерија на експерти или кревање на тензии
А Ковачевски го надгради предлогот на Милошоски со идеја на расправата во Собранието да бидат повикани сите досегашни претседатели и премиери- вклучувајки го и Груевски за кој Ковачевски спомна дека може да испрати допис од странство.
- Не било фер да се изолира поканата само на неколку луѓе, туку сметам дека Вие како претседател на комисија за надворешни работи ако сметате дека треба да правите таква јавна расправа треба да ги викнете сите премиери на државата, сите претседатели на државата сите..- еден нема да може да дојде, пошто е во странство ама еве дописно ќе се обрати. Јас Ве поддржувам во Вашата намера да има јавна расправа со сите коишто воделе надворешна политика, ја воделе државата во улога на претседател и нормално претседател на на влада. Сметам дека тоа може да биде одлична дискусија каде ќе има големо искуство соберено и ќе има различни аспекти на гледање на една иста работа. - изјави Димитар Ковачевски премиер на РСМ.
Ковачевски денеска пред пратениците повтори дека Владата не преговара за ништо што е надвор од изгласаната резолуција во Парламентот и дека се штитат државните интереси. Порача дека на него му паднала честа да го брани македонскиот идентитет но и дека нема да прифати да се стават Бугарите во Уставот пред прва меѓувладина конференција со ЕУ. За преговорите со Софија повторно порача дека се во раце на МНР.

