Црвенковски: Го замрзнувам членството во СДСМ додека партијата не се огради од ставовите на Заев за Бугарија

Поранешниот претседател и долгогодишен претседател на СДСМ, Бранкo Црвенковски во јавно обраќање до раководството и членовите на СДСМ повикува да се оградат од изјавите на Зоран Заев во интервјуто за БГНЕС во врска со Бугарија, кои според него, ќе предизвикаат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и држава.

„Повикувам под итно да се свика Централниот Одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина. Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ.“

До одржувањето седница на Централниот одбор, Црвенковски најавува дека го замрзнува неговото членство во Социјалдемократскиот сојуз. Со писмен допис се јави и поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов во кој вели дека цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на македонскиот народ.

„Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна. Пандорината кутија е отворена. Сега, речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право и тоа на повеќе нивоа и во повеќе наврати. Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува.“

Според Иванов невиден преседан е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите.