„Црвените линии“ на Белград и Приштина
Србија и Косово треба да го искористат моментот и да го прифатат планот на Европската Унија за нормализација на односите, што е клучно за стабилноста на целиот регион, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Постои план на ЕУ за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Мислам дека тоа е шанса за двете страни да го искористат моментот бидејќи нормализацијата на односите е од клучно значење за безбедноста, стабилноста и просперитетот на регион.“ - изјави Урсула фон дер Лајен претседателка на ЕК.
Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина, Мирослав Лајчак кој е во посета на Белград, со претседателот Александар Вучиќ разговараше за европскиот предлог, Заедницата на српски општини и за други чекори кон постигнување компромис. Вучиќ повтори дека формирањето на ЗСО е предуслов за нормализирање на односите.
„Србија работи одговорно и е посветена на преговорите за да се постигнат компромисни и одржливи решенија, неопходни за нормален живот и подобра иднина за сите граѓани, со јасно наведени ограничувања. Формирањето на Унијата на српските општини е предуслов за нормализирање на односите, како и за безбедност и заштита на правата на српскиот народ на Косово.“ - изјави Вучиќ.
Од друга страна, косовскиот премиер Албин Курти вели дека Приштина анализира 15 модели за ЗСО кои ги добиле од Лајчак.
„Моделите кои ги претстави европскиот пратеник се различни решенија за националните малцинства во земјите од Европската унија. Верувам дека тоа се модели од кои ќе можеме да земеме елементи, така што не само човековите права, туку и правата на националните малцинства кај нас се на вистинско ниво.“ - изјави Албин Курти премиер на Косово.
Следната средба меѓу Вучиќ и Курти треба да се одржи на 18 март во Охрид, а во присуство на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел кој доаѓа во посета на Македонија. Брисел очекува да се постигне договор за планот за спроведување на основниот договор за нормализација на односите или, барем да има значаен напредок во преговорите.