Црната листа ќе се проширува, но законот за рестриктивни мерки е повлечен
Политичкиот семафор светна црвено за измените за законот за рестриктивни мерки.
Нејаснотии и низа реакции, откако Владата кратко, под образложение - административни причини, го повлече предлог-законот од собраниска процедура и најави дека ќе го стави на дневен ред на следната седница.
Со предлог-измените на Законот за рестриктивни мерки, кој веќе помина на владина седница на 16ти јануари, а сега е повлечен - корумпираните актери во земјава кои се наоѓаат на „црната листа“ на САД, треба да подлежат на санкции согласно домашното законодавство.
Од министерството за правда, од каде и претходно имаа негативно мислење за овој предлог закон, дадоа зелено светло за потегот на Илинденска бр 2.
- Министерот за правда Кренар Лога ја поздравува одлуката на Владата за повлекување на Законот за рестриктивни мерки со оглед на тоа што претходно Министерството за правда даде негативно мислење и укажа на низа законски пропусти во предложеното решение. - велат од Министерство за правда.
И додека владата ги пегла разликите,американската амбасадорка Анџела Агелер, вчера во интервју за ТВ24, порача дека официјален Вашингтон го поздравува секој закон со кој се бара отчетност, а не ја исклучи и можноста пред изборите, да има нови имиња од државата на американската „црна листа“
- Затоа што од луѓето треба да се бара одговорност. Ние немаме претставници на законот овде, ниту тоа би било соодветно. Мислам дека врз основа на она што го слушнав од луѓето ширум земјата и тие го поздравуваат ова. Како и да е, донесување на закон сам по себе, нема да смени ништо. Мора да го спроведете тој закон. Откако ќе биде донесен, се надевам дека потоа ќе реагира судскиот сектор, дека обвинителите ќе го направат она што им е работа и ќе испитаат, дека и тие ќе најдат докази за злоупотреба, како што најдовме и ние. - рече Агелер.
За повлекувањето на законот, реагираа опозициските партии. Според БЕСА, законот е повлечен за да се заштитат функционери и бизнисмени на владата на СДСМ - ДУИ.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак испратија и прашања до владата.
Повлекувањето на предлог-законот се случува, откако на чело на техничката влада застана поранешниот шеф на Собранието, Талат Џафери, кој јасно кажа дека е против ова законско решение.