Црна Гора не сака да биде дел од „мини Шенген“
Foto

Црна Гора не сака да биде дел од „мини Шенген“

Министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ, во понеделникот рече дека приклучувањето кон иницијативата „мини Шенген“ за балканските држави предложена од Албанија, Северна Македонија и Србија ќе биде губење на енергија затоа што нејзината земја веќе ги отворила своите граници и ги укинала трговските бариери кон соседите, пренесува „Балкан инсајт“.

Таа додала дека Црна Гора е членка на ЦЕФТА, Централноевропскиот договор за слободна трговија, регионална иницијатива за земјите од Западен Балкан, која гарантира слободен проток на луѓе и стоки.

„Ги разбирам иницијаторите. Ова се земји кои, заради различните трговски бариери што си ги поставија едни на други, можеби имаат потреба од нова иницијатива за повторно да се обврзат дека ќе го сторат тоа што ние одамна го имаме направено“, рече Секулиќ во изјава за медиумите. 

Таа исто така додаде дека црногорските граѓани веќе патуваат користејќи ги своите лични карти како документ за идентификација, до сите земји во регионот, освен Хрватска. 

На самитот во Охрид кој се одржа на 10. ноември, албанскиот премиер Еди Рама, неговиот македонски колега Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ се обврзаа да работат заедно за укинување на бариерите за проток на стоки и луѓе меѓу трите балкански земји.

0 Коментари

Остави коментари