„Црн понеделник“ за светската берза: Комплетен крах
Хаос на светските пазари по одлуката на Доналд Трамп да воведе серија тарифи за увоз во САД. Остар пад на европските и азиските берзи а слично сценарио се очекува и за Вол Стрит.
Јапонскиот индекс Nikkei на почетокот на тргувањето на берзата во Токио се намали за повеќе од осум отсто додека пак тргувањето на јужнокорејската берза беше запрено на пет минути, за да спречи панично продавање. Ништо подобра не е ниту ситуацијата во Европа каде во надолна линија се лондонската и германската берза.
„Никој нема волшебно стапче да ги предвиди дневните осцилации, но сигурно е дека трендот на намалување постои. Веќе сме на 40 проценти од рецесиските очекувања. Ако надминеме 50 проценти, пазарот ќе се однесува како веќе да е почната рецесија. Ова е шок за глобалните синџири на снабдување што досега не сме го виделе.“ - Дејан Ковач економски аналитичар.
ЕУ се уште размислува за следниот потег. На 15 април стапуваат на сила царините за увоз на американски алуминиум и челик. Во Брисел, денеска состанок на министрите задолжени за трговија на земјите членки на Унијата.
„Потребно е да ги забрзаме преговорите за слободна трговија со остатокот од светот и да се осигураме дека 87 проценти од трговијата и понатаму ќе функционира според правилата на Светската Трговска Организација, кои не служеа во изминативе децении.“ - Марош Шефчовиќ еврокомесар за трговија.
За разлика од ЕУ, официјален Пекинг веднаш возврати со царини во висина од 34 отсто за сите американски производи. Заканите и притисокот не се начин за справување со Кина, порачаа од министерството за надворешни работи.
„Царините се типичен унилатерализам и протекционизам, економска злоупотреба. Американската злоупотреба со царините ги лишува земјите, особено оние на глобалниот југ, од нивното право на развој.“ - Лин Џијан портпарол на министерството за надворешни работи на Кина.
Од Белата Куќа пак тврдат дека повеќе од 50 држави побарале да почнат трговски преговори. Доналд Трамп останува на ставот дека царините ќе и помогнат на Американската економија.
„Имаме огромни финансиски дефицити со Кина, Европската Унија и многу други. Единствениот начин на кој овој проблем може да се излечи е со Царините, што сега носат десетици милијарди долари во САД. Тие се веќе на сила и тие се нешто прекрасно да се видат.“ - Доналд Трамп претседател на САД.
Огромен пад има и кај криптовалутите. Цената на Биткоинот се симна под 75.000 долари, повеќе од 15% во споредба со вредноста која ја имаше пред една недела. Останатите криптовалути изгубија уште повисок процент.

