COP26: Најголемите производители не го поддржаа укинувањето на јагленот како енергенс
Foto

COP26: Најголемите производители не го поддржаа укинувањето на јагленот како енергенс

Барањето за укинување на јагленот како извор на енергија вчера го поддржаа уште 23 земји на климатската конференција на ОН, но на тоа се уште се противат најголемите производители на највалканото гориво што го предизвикува глобалното затоплување.

Самитот COP26 се обидува да најде начин да се постигне целта за ограничување на глобалното зголемување на температурата на 1,5 степени Целзиусови во однос на прединдустриските нивоа.

Емисиите на штетни гасови од согорувањето на јаглен поединечно придонесуваат најмногу за климатските промени, така што намалувањето на неговата употреба е клучно за постигнување на климатските цели.

Ветувањето за укинување на јагленот не го поддржаа Австралија, Индија, САД и Кина, кои поседуваат повеќе од половина од сите термоелектрани во светот, а планираат да изградат повеќе.

Во 2020 година емисиите на јаглерод диоксид се намалија за 5,4 отсто поради опаѓањето на економската активност, но новиот извештај на „Global Carbon Projecta“ проценува дека емисиите годинава ќе се зголемат за 4,9 отсто.

-Очекувавме зголемување, изјави вчера водечкиот автор на истражувањето, Пјер Фридлингштајн, експерт за климатско моделирање на Универзитетот во Ексетер.

„Тоа што не изненади беше интензитетот и брзината на зголемувањето на загаденоста“, додаде тој.

Алок Шарма, претседател на двонеделниот самит за климата во Глазгов, кажа дека „можеме да кажеме дека на повидок е крајот на јагленот“.

Необврзувачката декларација за укинување на јагленот досега има „77 потписници, а 23 од нив за првпат презедоа обврска да се откажат од јагленот“, рече Шарма.

Побогатите земји се согласија да го укинат јагленот како извор на енергија до 2030-тите, а сиромашните до 2040-тите.

Во моментов, термоелектраните произведуваат повеќе од една третина од електричната енергија во светот. Многу земји во развој се потпираат на евтин јаглен, како што тоа го правеле денеска развиените земји во времето на Индустриската револуција во 19 век.

0 Коментари

Остави коментари