Цонев во СТУДИО 10: ЕУ сака да си остане во своите граници, можно е само придружно проширување
Од исходот на европските избори може да се види дека Европа е незадоволна од постлибералната насока и дека сака да се врати во националните граници. ЕПП всушност си ги доби гласовите што ги заслужува, оти Европа е основана да има европска економија и европска политика, а може да прима и други членки но само како придружни. И тоа е најочигледно во Франција и Германија. Што се однесува до подемот на екстремната десница тоа е реакција на Европејците на екстремните либерални постапки и политики и само покажува дека Европа сака да остане Европа, вели професорот Благој Цонев во СТУДИО 10 на ТВ 24.
- ЕПП е десничарска, народна групација на партии во Европскиот парламент која се води од тоа дека Европа не треба да ја држи војската внатре во Европа, туку на границите. Европското население се враќа кон европските корени кои се основа на ЕУ која пак се темели на Римскиот договор. Во однос на евроинтеграциите, овој исход нема да влијае на Македонија. Македонија избрза со промена на името и некои граѓани се уште немаат променето документи. Ние сме во состојба на вето од ЕУ, вели Цонев.
Цонев вели дека во Македонија ќе има десничарска влада и очекува дека преговорите со ЕУ ќе продолжат.
- Во моментов имаме претседател на држава која е професор по уставно право и со таков претседател може да се надеваме на најдоброто, а тоа е креирање и правење нов Устав. Ние треба да се здружиме и да направиме нов, граѓански Устав по пример на францускиот каде сите малцински групи ќе бидат сметани како Македонци и ќе бидат влезени во Устав како Македонци. Иако нам не ни е проблем да имаме 18 етнички групи во Уставот, вели Цонев и додава дека вво меѓународните односи се е компромис, а нема диктат.
Цонев вели дека со меѓународните односи владее анархија, а со потпишувањето на Преспанскиот договор Грција е веќе победник па не се очекува понатамошна блокада.
Цонев вели дека ние сме влезени во една сложена ситуација, премногу сложена оти станува збор за проблем со соседна држава, како и дека треба да се соочиме со вистината дека ЕУ нема да ни дозволи да почнеме преговори додека не ги вметнеме Бугарите во Уставот. Од друга страна, вели Цонев, ако ги вметнеме Бугарите во Уставот како различен етникум ќе покажеме дека сме различни народи.