Чулев бара и едно од возилата на Пендаровски, од таму враќаат дека автомобилот е наследен од Иванов

Преодна влада, стари навики – меѓу СДСМ  и ВМРО-ДПМНЕ, предизборно атмосферата врие. Препирки и несогласувања во техничката влада на Спасовски, а најмногу во највисоките структури во МВР, особено околу одлуките кои ги носи новиот технички министер. 

Од СДСМ обинуваат дека со одлуката на Чулев за укинување на прераспределба на полициски службеници од страна на Спасовски, директно ја загрозува безбедноста амбасадите на енколку држави меѓу кои и на амбасадорот на ЕУ, но и на граничните премини. 

„Со таквото неодговорно и незаконско работење, Чулев ја доведува во опасност безбедноста на границата, на највисоките државни претставници, како и на амбасадите во нашата држава односно ја загрозува целокупната безбедносна состојба во државата. Загрозувањето на безбедноста на граѓаните, на границата и државните објекти е кривично дело“ - вели  Снежана Калеска - Ванчева.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак со контра удар враќаат дека власта е во паника поради откривањето дека возила се користеле за приватни цели. 

„Заев, Спасовски и Петровска се во паника затоа што се гледа дека Лазе Евридики, не е единствениот кој полициските службени возила ги злоупотребувал за лични потреби. Лазе ќерката си ја развозуваше по грчки кампови, а за соработниците на Спасовски не се знае ниту каде ги управуваат возилата“ - рече Орце Ѓоргиевски ВМРО-ДПМНЕ.

Одземањето на околу 35 службени возила кои премиерот Спасовски ги имаше распределено во повеќе институции ги заостри веќе затегнатите односи помеѓу Чулев и Петровска. Додека двете партии меѓусебно се обвинуваат едно од возилата кои треба да се вратат во МВР го користи и шефот на државата. Од  кабинетот на Пендаровски за тв 24 велат дека не знаат кои се мотивите за ова барање.

„Информирани сме дека постои интерен допис во рамки во кои се бара враќање на едно возило кое го користи претседателот. Не знаеме кој е мотивот за ваквиот допис, но напоменуваме дека безбедноста на претседателот е законска обврска на МВР“ - велат Кабинетот на Претседателот на РСМ.

Петровска и Чулев не најдоа заеднички јазик ниту за началникот на СВР Скопје. Ристо Ставревски не е прифатливо решение за заменик- министерката, а проблемот ќе се најде утре на маса пред ДИК како што налага Изборниот законик кога двајцата министри од техничката Влада не можат да се договорат.