Чучуљ: Ќе се залагам за транспарентна работа на ДКСК, ќе бараме интегритет и одговорност од сите институции

Новоизбраниот претседател на Државната комисија за спречување на корупција, Адем Чулуљ, денеска официјално во Собрание даде свечена заклетва пред собранискиот претседател Африм Гаши. Во своето прво обраќање како претседател на Антикорупциска Чучуљ порача дека заедно со неговиот тим ќе бараат интегритет, одговорност и транспарентност од сите институции.

Адем Чучуљ, претседател на ДКСК

- Како претседател на ДКСК ќе се залагам за транспарентна работа на институцијата и ќе барам, како тим ќе бараме, одговорност и транспарентност од сите институиции, ние сме институција која го промовира интегритетот и ќе бараме интегритетот да се промовира и во сите институции. Само со таква заложба е придонесеме до намалување на корупцијата.

Во меѓувреме, денеска во Клубот на пратеници, ДКСК го одбележа Меѓународниот ден за борба против корупцијата. На настанот, покрај претседателот на Антикорупциска Адем Чучуљ, обраќање имаше и собранискиот спикер Африм Гаши. Тој порача дека борбата против корупцијата не се води сама по себе туку секој поединец во државата има своја одговорност.

Африм Гаши, претседател на Собранието

- Кога станува збор за Собранието сакам да бидам прецизен и јасен. Собранието не е набљудувач на оваа битка туку компасот што ја насочува државата по патот на интегритетот. Почитувани присутни да не заборавиме дека борбата против корупцијата не се води сама по себе и не се ограничува само на законии стратегии. Таа бара култура на интегритет, личен пример, политичка одговорност и општествена свесност.

Амбасадорите на Швајцарија и Шведска во Македонија, Кристоф Зомер и Ола Сулстром во своите обраќања порачаа дека еден од клучните фактори за искоренување на корупцијата е транспарентноста на институциите. Според нив, корупцијата не само што ги исцрпува ресурсите од сите општествени области туку и ги тера младите да си одат од државата.

Кристоф Зомер, амбасадор на Швајцарија во Македонија

- Корупцијата е поврзана со недостаток на транспарентност во процесите на донесување одлуки, што може да се јави поради повеќе причини: прекумерни дискрециони овластувања на носителите на одлуки, недостиг на механизми за следење на тие процеси. Друг фактор директно поврзан со корупцијата е неказнивоста. Потребно е да се адресираат повеќе од еден облик на корупција.

Ола Сулстром, амбасадор на Шведска во Македонија

- Мислам дека е важно да се потсетиме дека корупцијата е болест во едно општество. Таа ги исцрпува јавните ресурси од здравството, образованието, од реформите, од областите каде што тие ресурси можат да им помогнат на луѓето да водат подобар живот и да создадат посветла иднина за младите, кои инаку, би можеле да ја бараат својата иднина некаде на друго место. Тоа мора да престане. И токму затоа е толку суштински важно ова да не го правиме делумно, и не само еднаш годишно, туку да го правиме заедно, институциите, меѓународните партнери, независните тела и поединците, секој ден.

Последниот извештај на Европската комисија покажа дека Македонија не постигнала никаков напредок во спречувањето и борбата против корупцијата. Според извештајот, корупцијата останува присутна во многу области и претставува сериозна загриженост.