Чолов во СТУДИО 10: Македонија не е тема на предизборната кампања во Бугарија

 

Македонско-бугарскиот спор е сѐ уште актуелен. Бугарија е во моментов во предизборна кампања. За тоа колку Македонија е тема на изборите колешката Лепа Џундева разговараше со новинарот на БТВ, Стојан Чолов.

Чолов објаснува дека темата Македонија не беше причина за пад на претходната бугарска влада, ниту пак е сега тема на предизборната кампања. Тој вели дека економските прашања повеќе ги интересираат Бугарите отколку јалова дебата на тема на т.н. француски предлог.

- Мислам дека Бугарите и Македонците емотивно реагираа на францускиот предлог без да имаат вистински информации за содржината. Во Бугарија францускиот предлог во јавноста беше толкуван по принципот ако Македонците толку жестоко реагираат тогаш тој предлог мора да е добар за нас, вели Чолов за СТУДИО 10 на ТВ24.

Што се однесува до предвидувањата за исховор на изборите, според социолозите во водство е партијата на Бојко Борисов. Но се очекува и силно присуство во парламентот на националистичката партија Преродба, вели Чолов за ТВ24. Тој се сомнева дека според тоа што изјавуваат другите партии некој може да коалицира со Преродба.

Чолов за можноста за коалиција на партијите на Петков и Борисов вели дека е неизвесно оти двете партии имаат допирни точки - како што е Европската Унија, но имаат и и многу разлики.