Членовите на Судски совет можат да одговорат на интерпелациите, седница најверојатно на почетокот на март
Откако во петокот пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ до Собранието поднесоа поединечни интерпелации за членовите на Судскиот совет Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми, претседателот на законодавниот дом Африм Гаши, според Деловникот, треба да ги достави до нив и во рок од десет дена да добие одговор дали тие ќе се изјаснат за содржаните наводи. Дури откако ќе помине овој рок без разлика дали членовите на Советот, кои се избрани од Собранието, ќе сакаат да се изјаснат или не, Гаши ќе може да ја закаже седницата на која ќе се расправа по овие интерпелации.
Согласно овие рокови, очекувањата се дека седница на која ќе се расправа за интерпелациите би имало до или на почетокот на март. Имајќи предвид на барањата за интерпелации се потпишани 67 пратеници исходот е извесен, но сепак тоа не значи дека Дамева, Мустафа, Чачаропва-Илиевска, Црвенковска и Адеми ќе заминат од овие функции.
Гаши денеска, како и секој понеделник, треба да одржи редовна координативна средба со првите луѓе на пратеничките групи во Собранието, по што би можело да се знае кога би се одржала оваа седница, но и за тоа што се би можело да се најде на седницата закажана за 12 февруари. Засега на оваа 34. пленарна седница на предложениот дневен ред се само 12 точки.