Член од обезбедувањето на спикерот Гаши направил инцидент на скопскиот аеродром
Денеска, околу 10 часот на Меѓународниот аеродром „Скопје“, член на обезбедувањето на собранискиот спикер Африм Гаши кој воедно е полициски службеник, направил инцидент со вработени во ТАВ Македонија.
Додека претседателката на Косово, Вјоса Османи поминувала на гранична контрола, во моментот кога од неа било побарано да го остави телефонот за да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработеното лице од ТАВ, за таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Иако вработениот бил оттргнат, сепак багажот бил вратен и поминал на скенер.
Половина час по случајот, на аеродромот пристигнало лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши кој е полициски службеник, заедно со уште двајца припадници на полициските служби и започнал да се заканува на вработените во ТАВ и го барал „виновникот“ кој и направил проблем на Османи, притоа туркајќи полициски службеник кој бил вработен на граничниот премин.
Од ТАВ ја потврдија инофрмацијата за ТВ 24.
“Во врска со објавата за инцидентот кој се случи денеска на Меѓународниот Аеродром Скопје, во ВИП-салонот, би сакале да известиме за следното: Во согласност со Законот за воздухопловство и меѓународната законска регулатива која се однесува на обезбедување на цивилното воздухопловство, ТАВ Македонија како аеродромски оператор има законска обврска за спроведување на безбедносен преглед на сите патници, багаж и стоки на летовите од Меѓународниот Аеродром Скопје и од Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, вклучувајќи ги и патниците кои патуваат преку ВИП-салонот. Оттука, Одделот за Обезбедување на ТАВ Македонија, постапувајќи во рамките на своите овластувања спроведе стандардна безбедносна проверка на споменатиот патник како и на неговиот багаж, на пунктот за безбедноста проверка во ВИП-салонот, со цел обезбедување на конкретниот комерцијален лет. Сакаме да потенцираме дека авијациската безбедност не беше загрозена, поради тоа што споменатиот инцидент се случи во јавната зона на аеродромот, односно пред пунктот за безбедносна проверка на ВИП-салонот од каде ВИП-патниците откако ќе бидат проверени од Обезбедувањето се упатуваат во безбедносно-контролирана зона на аеродромот. Исто така, сакаме да потенцираме дека ВИП-салонот е посебна зграда изолирана од главната терминална зграда на скопскиот аеродром, што значи дека е комплетно неточно дека била загрозена безбедноста на патниците. Со цел точна слика за случката и спречување на ширење дезинформации, за сите детали во однос на инцидентот, ги упатуваме медиумите да се обратат до надлежните институции.” - велат од ТАВ.