Чиј е имотот вреден над 335 илјади евра со кој поранешниот вицепремиер Артан Груби бара да му биде вратен пасошот?

Груби си го бара пасошот назад. Народот си ги бара децата дома. Со оваа порака Вреди денеска го прозва поранешниот вицепремиер, откако неговата одбрана понуди недвижен имот вреден  повеќе од 335 илјади евра како гаранција за враќање на патната исправа. Од коалицијата бараат да се открие чиј е понудениот имот, како е стекнат и од каде потекнуваат средствата со кои е обезбедена гаранцијата. Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај и со години работат за сопствен дом, за пасошот на Груби се нуди имот вреден над 335 илјади евра, посочуваат од Вреди. Коалицијата прашува дали Груби, ако имотот е негов, можел да заштеди толкава сума од функционерска плата.

„Граѓаните знаат колку години работа се потребни за покрив над главата. Затоа оваа сума боде очи. Народот едвај го врзува крај со крај во месецот, додека само за пасошот на Груби на маса се ставаат над 335 илјади евра. Ако имотот е негов, зарем толку многу успеал да заштеди од функционерска плата? Албанците скапо ги платија политиките на ДУИ, со изгубени години и разделени семејства. Народот се разделуваше од децата, а водачите на ДУИ не се разделуваа од фотелјите. Сега Груби си го бара пасошот назад. Народот си ги бара децата дома.“

Артан Груби ќе може слободно да шета откако на 13 октомври ќе му истече куќниот притвор. Згора на тоа, тој понуди гаранција да му биде вратен пасошот. За ова барање допрва ќе одлучува Кривичниот совет, откако ќе го добие мислењето од Обвинителството. Груби, поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, и уште шестмина се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување при набавка на видеолотариски терминали, со што била предизвикана штета од 9,7 милиони евра. Груби пред судот ја негираше вината. Поранешниот вицепремиер избега од земјата во декември 2024 година, непосредно пред отворањето на истрагата, која првично се водеше за проневера во службата. По повеќе од 14 месеци бегство, на 23 февруари годинава сам се пријави на граничниот премин „Блаце“, каде што беше приведен. Истиот ден му беше определен куќен притвор, на предлог на Обвинителството, кое се повика и на процени дека во затворот „Скопје“ не може да му се гарантира личната безбедност.