Четврти смртен случај во државата од западно нилска треска

Четврти смртен случај од западнонилска треска е регистриран во Македонија. Починатиот пациент е на 76 годишна возраст и на Инфективната клиника се лекувал 27 дена.

Директорот на инфективната клиника, Фадил Цана објасни дека човекот имал и други заболувања кои дополнително ја влошиле неговата здравствена состојба па смртта настанала по тешка форма на воспаление на мозокот. 

Во моментов, доктор Цана информираше дека на Инфективна има 20 пациенти  од кои 18 се позитивни на вирусот  а за двајца се чекаат резултати. Најмладиот пациент за кој се чекаат резултатите е 24 годишно момче. 

Во текот на вчерашниот ден уште еден од пациентите кои беше во тешка состојба на интензивна нега почина.  Се работи за 76 годишен пациент  кај кого претходно беше потврден вирусот, пациентот се лекуваше 27 дена но поради дополнителните придружни сериози заболувања и тешката форма на воспаление на мозокот почина. 

Во меѓувреме, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку објава на социјалните мрежи информираше дека вечерва на територијата на Град Скопје ќе се изврши 13-тата дезинсекција против комарци.

Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје

- Активностите продолжуваат и во наредните денови. Издадов налози на 20 август да се спроведе теренска дезинсекција против возрасни форми на комарци, на 21 август, во раните утрински часови, да се изврши авионска дезинсекција, додека од 23 до 26 август да се спроведува терестична дезинсекција против возрасни форми на комарци.  До крајот на сезоната, ќе се извршат повеќе од 20 дезинсекции против комарци.

За кризата со западно нилската треска во Макеоднија, од опозициската СДСМ побараа итна и системска реакција од страна на надлежните институции со цел, како што велат  заштита на граѓаните.

СДСМ бара итна и системска реакција: следење на популацијата на комарци на територијата на град Скопје, лабораториско тестирање на примероци за присуство на вирусот, масовна дезинсекција и уништување на жариштата – канали, бари и водни површини. да се направи итна контрола на живината и дивите птици, пријавување и тестирање на мртви птици. И, најважно, итна институционална координација помеѓу Министерството за здравство, центрите за јавно здравје, општините и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во моментов најкритични подрачја каде има прогласено епидемија се општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и за населените места Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери. 

Според досегашните информации, во Македонија од западно нилска треска излекувани се 15 пациенти а починати се 4. Сите од Скопје. Надлежните смируваат дека, најтешка форма на болеста развиваат еден отсто од вкупниот број инфицирани. Апелираат да се користат заштитни спрејови и да се носат  долги ракави во периодот кога комарците се најактивни.