Четири села во велешко петти ден отсечени од цивилизација поради штрајкот на железница

Се намалуваат залихите на храна и лекови. Се јадат последните оброци, зачувани за зло време. Понатаму не знаат како, ако штрајкот на железници продолжи. Триесеттина жители на велешките планински села Слп, Карабуњиште, Белештевица и Лавчани, меѓу кои и две деца, веќе петти ден живеат отсечени од цивилизација.

Возот им е единствената врска со светот. Пат до Велес речиси и да немаат. Лето е прооден со магариња, а зиме никако. Поради дождовите, сега е уништен. Митко Илиевски од село Слп преку видео порака се обидува да ја анимира јавноста, но и надлежните да преземат нешто.

Телевизија 24 денеска е цел ден во комуникација со Илиевски. Во последниот контакт со него, тој вели дека состојбата е веќе критична.

За да стигнат во Велес, жителите на овие планински села, оддалечени само неколку десетици километри од центарот на Велес, над Таорската клисура, пешачат до железничката станица Рајко Жинзифов, од каде што со воз продолжуваат во градот. Но сега, поради штрајкот на машиновозачите, возови нема.

Од Центарот за управување со кризи велат дека тие интервенираат само ако постои животозагрозувачка ситуација. Според нив, во овој случај такво нешто не постои, па за помош на овие жители не упатија одговор да бараме во општина Велес и Црвен крст. Од општината и Црвениот крст велат дека веќе стапиле во контакт со жителите и се бара начин како да се пристапи до нивните села. Ова не е прв пат жителите на овие села да бидат отсечени.

Во 2013 година, ги завеа снег, па помош во намирници им беше доставена со хеликоптер.