Четири лица хоспитализирани на Инфективна со делта сој
Четири пациенти со делта сојот се хоспитализирани на инфективната клиника во Скопје, во текот на изминатава недела, дознава тв24 од извори на клиниката.
Потврдените случаи не се меѓусебно поврзани, а од клиниката велат дека се спроведени сите епидемиолошки анкети и мерки за изолација на контактите.
Двајца од пациентите се од Скопје, еден од Кичево и еден од истокот на земјава. Двајца од хоспитализираните се на ворзраст од 40 години, а другите двајца се над 70 години.
Еден од хоспитализраните бил возач кој се вратил од Германија, но останатите не патувале надвор од земјава. Според информациите, пациентите не биле вакцинирани против КОВИД. Од министерството за здравство ја потврдија информацијата дека четири пациенти со делта сојот се на инфективната клиника. Дополнително се чекаат резултати за уште една пациентка на возраст над 60 години.
Светските искуства покажуваат дека новиот делта сој на вирусот се шири кај невакцинираното население во светот, поради што се повикува на масовна вакциниција.
Досегашните анализи на нашите здравствени власти - покажале дека нема ниту еден починат пациент со КОВИД, кој има примено две дози вакцини, а само 0,02% од вкупниот број на вакцинирани се заразиле, при што најголемиот дел болеста ја поминале лесно и без потреба од хоспитализација.
- Од вкупно 330.320 граѓани со примени две дози вакцини, само 96 се случило да се заразат по вакцинирањето. Тоа значи дека само 0,02 % се заразиле со Ковид што укажува колку е важно граѓаните да се вакцинираат. Само 13 од заразените со ковид биле хоспитализирани и двајца од нив во моментов се на лекување и се стабилни иако еден од нив е со тешко хронично заболување. Нема ниту еден починат пациент со ковид, а кој има примено две дози вакцина. Вакцините спасуваат животи и се единствена начин да се заштитиме и да го вратиме животот целосно во нормала. - велат од Министерство за здравство.
Од утре граѓаните ќе може да се вакцинираат и во своите домови. Сите оние кои од здравствени причини не се во можност да дојдат на вакцинален пункт може да се јават во здравствените домови по што медицински тимови ќе дојдат да ги вакцинираат на домашна адреса.
Според податоците на министесрството за здравство досега во земјава целосно имунизирани се повќе од 330 000 граѓани.
Инаку, делта сојот на коронавирусот станува доминантен и во Европа. Светската здравствена организација веќе предупреди дека бројот на новозаразени кај кои е потврдена оваа мутација расте во изминтиве два месеци, а најмногу се шири помеѓу младите на возраст од 15 до 24 години. Според податоците на СЗО оваа мутација на вирусот е веќе доминантна во 19 европски земји.