Честитки од државно - политичкиот врв за автокефалноста на МПЦ - ОА
Донесената одлука од саборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква - Охридска архиепископија. Ја поздравија и политичарите.
Претседателот Стево Пендаровски во честитката вели дека одлуката ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов духовен раст на Охридската Архиепископија. Тој од Давос честиташе заедно со претседателот на Србија Александар Вучиќ.
- Ова е радосна вест за сите граѓани на земјава од православна вероисповед. Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архепископија ќе заврши со скоро потпишување на Томосот од Вселенскиот Патријарх г.г.Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество. - напиша на фејсбук Стево Пендаровски.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска од Рим кажа дека автокефалноста на македонската првославна црква -охридска архепископија е историска вест и автентичен дел на македонскиот идентитет.
Честитка до македонската првославна црква- охридска архепископија упати и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
- Убава вест за Македонците, за сите православни верници, и за сите граѓани на Северна Македонија Саборот на Српската православна црква донесе правилна одлука со која ја прифаќа автокефалноста на Македонската православна црква - Охридска архиепископија.
Голем ден за нашата света Македонска Православна Црква - Охридската Архиепископија. Нашата црква мора да е обединета, нашиот Синод, свештенството, исто како што мора да биде обединет и нашиот народ, се вели во честитката на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по повод автокефалноста на Македонската православна црква.