Чести дефекти на владиниот авион, дали лир-џетот го отслужи својот век?
Владиниот авион пројавил дефект уште на 3 декември поради што Службата за општи и заеднички работ забранила негова употреба. Токму поради дефектот кој се случил во Шведска, немало дозвола претседателката на државата, Гордана Силјановска - Давкова да лета со тој авион за да присуствува во Париз на свеченото отворање на катедралата Нотр Дам.
Според податоците на Владата над 3 милиони евра, од 2017 година па се до денес, биле потрошени на сервисирање на владиниот авион. Директорот на СОЗР Ивица Томовски посочува дека ако Македонија сака да биде сериозна држава треба да набави нов авион кој што би имал најмалку 14 седишта.
Од кабинетот на претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова преку соопштение посочуваат дека го информирале претседателот Макрон дека поради дефект на владиниот авион претседателката нема да присуствува.
„Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова го информираше Кабинетот на претседателот на Франција, Емануел Макрон дека не е во можност да патува поради дефектот на владиниот авион со кој беше планирано да се патува во Париз.“ - се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот.
Поради кои причини СОЗР не ангажирал алтернативет лет за претседателката, директорот Томовски вели дека такво барање не било испратено од кабинетот на претседателката за да СОЗР се ангажира да најде соодветен лет.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски вели дека во моментов авионот е сервисиран и употреблив. На настанот во Париз присуствуваа светските лидери, вклучувајќи го и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Париската катедрала од 12. век свечено се отвора пет години по катастрофалниот пожар.