„Чекор по чекор“: Треба подобрување на инклузивноста и поддршка на семејствата на лицата со попреченост во образованието

Во половина од училиштата во Македонија учат деца со посебни потреби. Станува збор за повеќе од 470 ученици, а речиси 30 отсто се со пречки во гласот, говорот и јазикот.

Не е мал ниту бројот на оние кои поради финансиски проблеми, но и немање соодветни услови во училиштата не се инволвирани во образовниот процес. Зоран Мијалков, татко на две деца со посебни потреби вели дека многу е важна вклученоста на овие деца во образовниот процес, но и прифаќањето на самите деца од нивните врсници. 

Мијалков забележува дека ситуацијата со првиот син кој има 18 години била многу поинаква, за разлика со второто 11 годишно дете и вели дека истата се подобрила. Новите законски измени предвидуваат да не може да се финансира реконструкција на училишни згради без да се поведе сметка за инклузивноста во самите училишта. 

Штипското основно училиште “Димитар Влахов” е дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ и се заложува за квалитетно и инклузивно образование, со цел секое дете да има еднакви можности за развој, учење и остварување на своите потенцијали. 

Инаку, проектот е финансиран од Европската Унија и во рамки на истиот се доделија стипендии на 470 ученици со попреченост кои се запишани во основни училишта, а повеќе од 150 од нив добија и туторска поддршка.