“Чебрен“ и “Галиште“ - помеѓу желбите и можностите
Домашно производство на струја не значи автоматски и државна енергетска сигурност. Базната електрична енергија, според енергетичарите Константин Димитров и Дејан Димовски, мора да доаѓа од капацитети во сопственост на државата, додека приватните електрани работат исклучиво според пазарната логика и профитот.
Тие коментираат дека приватните капацитети нема да обезбедуваат субвенционирана струја за граѓаните, како што тоа го прави ЕСМ, туку произведената енергија ќе ја продаваат на берза по пазарни цени. Според Димовски, токму затоа мора да почне реализацијата на децениските државни проекти, како „Чебрен и Галишта“ и концептот „Вардарска долина“, каде што реката Вардар треба да биде основата, врз која ќе се гради долгорочната енергетска стабилност на земјата.
Од друга страна, Константин Димитров предлага паралелно да се намалува потрошувачката на струја, преку субвенции за граѓаните за поставување сончеви колектори, но и да се инвестира во големи енергетски проекти кои, како што вели, не се само енергетски, туку и клучни стопански капацитети. Според него, државата не смее целосно да ги отстапи своите природни ресурси на странски инвеститори.
Пред два дена, министерката за енергетика Сања Божиновска најави најголем инвестициски циклус досега, со 67 нови енергетски капацитети и вкупна моќност од над 4.400 мегавати, вредни околу 5,7 милијарди евра, од кои најголемиот дел се планирани како приватни инвестиции.
Таа изјави дека државата во моментов нема капацитет самостојно да го гради „Чебрен“ поради, како што рече „лошата состојба на буџетот“, по што Министерството вчера мораше дополнително да појаснува дека станува збор за состојбата со капиталните инвестиции во енергетиката, а не за вкупната состојба на државниот буџет.

