Ценовен удар
Владата е подготвена да ги намали акцизите и дел од даноците на горивата доколку цената на нафтата нагло порасне на светските берзи. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека оваа мерка се разгледува како начин да се ублажи ударот врз животниот стандард на граѓаните. Тој предупреди дека поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток можно е да има економски притисоци, особено врз цената на нафтата. Според него, Македонија нема голема зависност од природниот гас, но нафтениот сектор може да се соочи со раст на цените. Владата веќе разговара со Министерството за финансии за можни мерки ако дојде до поскапување. Мицкоски уверува дека безбедносната состојба во земјава е стабилна, но економските ефекти од глобалната криза може да се почувствуваат.
Економските експерти, пак, предупредуваат дека ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток може да има директни последици врз македонската економија. Според нив, доколку кризата трае подолго, растот на цените на енергенсите би можел да предизвика нов инфлациски бран, а првите ефекти врз пазарот може да се почувствуваат веќе за две недели. Нафтените пазари се потресени поради ескалацијата на конфликтот во Персискиот Залив. Цената на нафтата „брент“ се искачи на околу 83 долари за барел, а главната грижа е нестабилноста околу Ормускиот теснец, низ кој минува голем дел од светската нафта. Дел од компаниите веќе ја избегнуваат оваа рута, што создава проблеми во снабдувањето. Од почетокот на неделата цените на нафтата пораснаа за околу 16 проценти, а дизелот во САД достигна највисоко ниво во последните две години. Аналитичарите предупредуваат дека ако конфликтот продолжи, цените на енергенсите би можеле дополнително да пораснат, со директни последици и за европските економии, вклучително и македонската.

