Цените за прехрамбените производи ги скараа министерката Димитриевска Кочовска и пратеничката од СДСМ Петровска
На прво слушање можеби е сатирично но после неколку слушања реториката во Собранието добива своја комуниколошка димензија чие толкување и го оставаме на јавноста. Една од дискусиите денес во законодавниот дом и инфлацијата, односно високите цени по маркетите кои директно задираат во стандардот на граѓаните.
Поранешната министерка за одбрана, денес пратеничка од редовите на СДСМ побара од министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска да не држи лекции за домаќинско пазарење. Петровска ја замоли Кочоска да го изнесе ставот на првата финансиерка по однос на прашањето за намалување на патните трошоци на пратениците.
„Министерке, пред една недела имавте за мене нелогична изјава, кога рековте дека за вас не може да биде логично да се купува грашок од конзерва и дека едно 4-члено семејство треба во еден месец да конзумира 13 литри млеко. За цената на табла јајца не коментирам, можеби имате некој попуст за редовност. Не сакам оваа дебата со вас да ја претворам во споделување рецепти итн, ама следен пат кога ќе одите во маркет, а рековте дека одите често, земете и споредете време на готвење на тој грашок од конзерва кој за вас е нелогичен, и оној другиот. За вас може не е важно, ама за едно просечно македонско семејство, многу е важно колку време ќе биде вклучен шпоретот. Подеднакво важно е за една мајка дали ќе може цел месец на своите деца да им дава по една чаша млеко. Зашто, ако ја направиме логиката како што вие ја направивте за едно 4-члено семејство, тогаш ќе видите дека 13 литри млеко не се доволни, освен ако не го заменувате со бадемово или со некое друго. Моето прашање е следно: Наместо да ни држите лекции за домаќинско пазарење, не е лошо да го чуеме вашиот став за намалување на патните трошоци на пратениците и зошто ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа?“- посочи Петровска од законодавниот дом.
Стигна жестока реакција од министерката за финансии упатени кон пратеничката Славјанка Петровска.
„За да кажам почитувана, треба да ја заслужите мојата почит. Врз основа на што вие ги ставате в уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно 4-члено семејство. И научете во пописот што вие го направивте, едно просечно семејство е 3-члено, а не 4-члено. Во однос на грашокот, и јас сакам да купам од конзерва, ама не сум сама, четири члена сме. Мораме да одиме во најевтините маркети и да купиме замрзнат грашок. Тоа беше коментарот, зошто да купуваме грашоци кои се поскапи од 100 денари. Исто беше и за млекото. Некој може троши и по 18 литри, а некој воопшто не пие. Бадемовото вам ќе ви го оставам, вам ви треба, а не мене!“, рече видно нервозна министерката и ја напушти говорницата.“ - возврати министерката за финансии од Собранието.
Додека во законодавниот дом се води дискусијата за стандардот на граѓаните, Комисијата за заштита на конкуренцијата утврди картелско здружување на четири маркети во кој учество имал и Сојузот на стопански комори поради наводно договарање на цени.

