Цените високи - платите остануваат исти
Есенската кошница заврши, а граѓаните не го почувствуваа намалувањето на цените на продуктите. Живеачката е прескапа, цените растат, а платите остануваат исти и тоа е најголемиот проблем велат охриѓани.
Од организацијата за заштита на потрошувачите во Охрид пак месецов официјално не добиле ниту една жалба за мерката замрзнување цени на прехрамбените продукти. Поплаките сега воглавно се однесувале на технички апарати. Од таму велат дека тоа не е поради тоа што немало незадоволни купци туку дека граѓаните сеуште немаат навика проблемите од овој тип да ги пријавуваат до нивната канцеларија.
„Претходните искуства најмногу беа во делот на една цена на рафт, а друга на каса, истечен рок на изложен продукт, неисправни декларации и сл. Апелираме граѓаните да го пријавуваат секој проблем поврзан со потрошувачката кошница." - организација на потрошувачи Охрид.
Инаку во дел од локалните маркети се уште стојат етикетите намален производ, а има продукти како чоколади, бисквити, житарки млеко и млечни производи кои се продаваат и за 50 проценти пониска цена бидејќи се пред истек на рок. Тоа е показател дека истите слабо се продавале оти маржите им биле превисоки.
Според списокот на детални маржи на Сојузот на синдикати, поефтинување имало кај брашното, тестенините, оризот урдата, кашкавалот, дел зеленчук и овошје, млечното чоколади. Од друга страна евидентно поскапување имало кај зејтинот, млекото јогуртот путерот. Исти цени се задржале кај сирењето, јајцата, месото медот. Се на се мерката која траеше еден месец даде минимален ефект на заштеда од 57 денари.