Цените на нафтата во драстичен пад
Најголем пад на цената на нафтата од почетокот на конфликтот, зголемување на берзанските индекси и вредноста на обврзниците, пад на доларот, но и неизвесен авио и поморски сообраќај, двонеделното примирје помеѓу САД и Иран ги дава првите импликации...
Цената на суровата нафта „Брент“ бележи пад од 13 проценти, достигнувајќи 93,8 долари за барел, што претставува најголем пад од почетокот на војната. Сепак, цената и натаму е значително повисока во однос на нивото пред конфликтот, кога изнесуваше околу 75 долари за барел или приближно 30 проценти пониска.
Неизвесноста останува присутна и во поморскиот сообраќај. И покрај повторното отворање на Ормускиот теснец, дел од бродовите и натаму се закотвени, ВО ОЧЕКУВАЊЕ НА безбедносни гаранции за транзит. само 15 бродови ја поминале теснината по постигнувањето на условеното примирје.
Криза се наѕира и во авиотранспортот. Од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт соопштуваат дека ќе биде потребен подолг период за стабилизација на авио-сообраќајот, пред сè поради изразениот недостиг на гориво. Приоритет остануваат медицинските, државните и долголиниските летови.
Пад бележи и доларот, кој се наоѓа на најниско ниво во последните две недели. Истовремено, зајакнуваат другите водечки валути: јапонскиот јен порасна за 0,6 проценти, еврото и британската фунта за по 0,7 проценти, австралискиот долар за 1,3 проценти, а новозеландскиот долар за 1,4 проценти во однос на американската валута. Раст е забележан и кај криптовалутите – биткоинот се зголеми за 3,4 проценти, додека етерот порасна за 5,7 проценти.
Инаку, според актуелните проценки, доколку продолжи трендот на стабилизација, се очекува постепена нормализација на светските пазари во период од околу шест месеци.

