Цените на нафтата растат, ќе продолжат ли мерките за поевтини горива?
Ќе има ли поевтини горива и по 18 мај? Владата остава отворена можност мерките за намалување на цените на горивата да продолжат и во следниот период.
Министерката за енергетика Сања Божиновска вели дека во наредните денови ќе се анализираат движењата на светските берзи, цената на нафтата и влијанието на војната, по што ќе се донесе одлука дали мерките ќе бидат продолжени. Таа потврди дека доколку има потреба, Владата повторно ќе побара од ОКТА продолжување на попустот за горивата, кој во моментов важи како дел од антикризните мерки.
Досега никој не се обратил до Министерството за енергетика, а проверките ги вршат пазарниот инспекторат и царината, вели Божиновска за случајот со компаниите кои вршеле реекспорт на нафта. Таа ја поздрави идејата на Регулаторната комисија за енергетика за евентуално преоценување на тарифните блокови за струја, не откривајќи детали за какво преоценување се работи.
И Божиновска денеска не испушти прилика да каже дека сме трети во Европа по обем на антикризни мерки. Пред еден месец Владата донесе одлука да се откаже од дел од акцизата за горивата, и тоа за дизелот за 4 денари, а за бензините за 2 денари по литар.
Сепак, две недели подоцна, Владата го врати ДДВ-то за дизелот од 10 на 18%. На почетокот на неделава Регулаторна повторно ги поскапе горивата, за 2 односно 2,5 денари за литар.

