Цените на нафтата на светските берзи во пад – кој ќе „профитира“ од поскапените горива кај нас?

Ако денеска ме прашувате, состојбата е апсолутно нормална во државата, вели премиерот Христијан Мицкоски, два дена откако граѓаните плаќаат драстично поскапи горива. Иако вчера предлозите за интервенција ги нарече соцболшевистички мерки, денеска призна дека тие се на маса, но порача дека во моментов нема закана за функционирањето на системот и дека Македонија и натаму има едни од најевтините горива во регионот.

Во меѓувреме, ДУИ предложи ограничување на цените на основните прехранбени производи и зголемување на минималната плата за 3500 денари, со цел да се ублажи ударот врз животниот стандард, а прстот го впери кон Министерството за економија.

„ За жал, Министерството за економија се однесува како оваа криза воопшто да не постои. ДУИ не останува само на критика и предлага мерки што можат да се применат за да се олесни товарот врз семејствата“велат опозиционерите.“

Со растот на цената на горивата растат и приходите во буџетот. Според пресметките, граѓаните неделава ќе платат во државната каса над 350 илјади евра повеќе по основ на ДДВ. Иако цената на нафтата на светските берзи падна, Регулаторна не може да интервенира секојдневно, бидејќи го смени правилникот и нови цени носи еднаш неделно. СДСМ денеска ја обвини Владата дека намерно не интервенира во цените. 

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека СДСМ во минатото сакал да воведе еколошка такса наменета за обновнливи извори на енергијаа во меѓувреме такви изградиле луѓе блиски до сегашното и поранешното раководство на партијата.

„Овој предлог Закон на СДС, Заев и Филипче ќе значеше дека 50-55 милиони евра ќе „оделе’’ во Буџетот на државата, а со оглед на тоа дека тогаш Буџетот на државата беше и паричник на СДС, тие пари ќе одеа во фирмите на Филипче и Заев, поточно во нивните џебови.“

Во меѓувреме, Меѓународната агенција за енергија предлага најголемо ослободување на нафта од стратешките резерви досега, што дополнително ја спушти цената на „Brent“ на околу 87 долари за барел.