Цените на храната рушат рекорди, институциите си ја префрлаат топката
Има ли кој да ги заштити граѓаните во лудилото со растот на цените? Додека институциите си ја префрлаат топката едни на други, се излегува со попразни торби од маркетите.
Последен удар се цените на млекото и млечните производи. Млекото се продава по цена од 75-85 денари, купуваат оние кои мораат, кашкавал нема ниту за гости.
Во небрано се и примарните производители на млеко. И нивните трошоци растат а откупната цена им останува иста. Се чудат како преку ноќ кашкавалот во продавниците скокна до 1000 денари за килограм.
Од пазрниот инспекторат велат веќе ги проверуваат влезните трошоци на преработувачите на млеко. Ќе утврдуваат кои се реални, ако не ќе мора да ја корегираат цената. Контроли има и по маркетите. Но млечните производи немаат ограничена маржа и крајните цени зависат од вољата на трговците. Откриени се и измами. Една цена е во приемната евиденција, една на рафт, друга на каса.
Државата нема Закон за компаниите- профитери во криза. Од Владата чекаат на пратениците. И покрај најавите законко решение против воено профитерствио не предложило ниту едно од ресорните министерства. Од Економија велат дека граѓаните се штитат со Законот за заштита на потрошувачите што од јуни чека на дневен ред во Собрание.
„Во тој Закон има прецизни одредби како ќе се затвараат компании кои работат со нечесни трговски практики. Предвидени се глоби до 10.000 евра и забрана за вршење на дејност до две години“ велат од Министерството за економија
Сепак тргнувајќи од народната „од ветување куќа не се гради“ граѓаните сами се организираат на социјалните мрежи. Освен постојните страници за продажба на земјоделски производи и комичарот Бојан Велески најави дека од недела и на неговата фан страница ќе биде отворен онлајн базар на кој сите индивидуални производители ќе може да нудат основни продукти по пониски цени од тие во маркетите.